Упатство за емиграција од Македонија
Поглавје еден
Подготовка и избор на земја
Како во секој проект така и во овој, подготовката беше најважниот дел. Земајќи во обзир дека во моментот на планирање мораше да размислуваме за потребите на четворица, од кои две деца, кои очекувано не можеа да ги предвидат своите желби и сонови за иднината. И покрај тоа, начелно заклучивме дека сакаме да одиме во земја која е погодна за семејства со малолетни деца, има добро образование, добро здравство и население кое не се однесува игнорантски кон емигранти. За наша среќа, вработувањето беше најмалиот проблем, така да можевме да одбереме помеѓу повеќе земји. Наш потесен избор беа:
- Австрија
- Словенија
- Швајцарија
- Чешка
Скандинавските и преку-океанските земји, иако финансиски попривлечни, не ги разгледувавме поради големата географска далечина и специфична клима. Имајќи многу спомени (читај сентиментални предмети) за пренесување, мораше да размислуваме и за логистиката на самото преселување. Германија и Холандија исто така беа во еден момент во игра, но подоцна ја отфрливме таа идеја. Така да се фокусиравме на централна Европа. Овој круг на земји беше доволно далеку од проблемите на Македонија, а во исто време доволно блиску, да со неколку „товарни“ патувања се заврши физичката преселба.
Потоа започна процес на елиминација. Се консултиравме со неколку пријатели и колеги што отишле, ги слушнавме нивните искуства и големи потешкотии со интеграција во општеството. Со оглед на нашето незнаење на германски јазик, не беше некоја дилема дека и ние би имале голем проблем, посебно нашите деца. Австрија отпадна.
За Швајцарија, покрај јазикот, најголем проблем беше бирократијата и процесот на добивање на работна виза, така да остана како план Б, во случај да не успее првиот избор. Останаа Чешка и Словенија. И двете земји ги исполнуваа иницијалните услови што си ги поставивме. На крајот пресудeн фактор за финалниот избор за Словенија беше сличноста на јазикот со нашиот, како и впечатокот кој го добивме на нашата последна посета. Имавме чуство како да припаѓаме тука, иако во моментот не познававме никого, ниту имавме поминато значително време во земјата.
Следно беше психолошко надувување на идејата за преселување токму во Словенија. Преселувањето покрај логистички, претставува и голем психолошки пресврт. За среќа Словенија има многу што да понуди од забавни, спортски и културни настани, па на таа тема немавме никаков проблем. Ги истраживме на интернет сите занимливости, па ги издвоивме оние што најпрво ќе ги посетиме. Како семејство си ги знаевме интересите и желбите, така да беше лесно со децата да се мечтае заедно. Па замислувавме како ќе се возиме на Zip-Line, или како ќе скијаме на долги стази, па ќе даскаме на вода, или ќе шетаме на чист воздух во градот. Тоа мечтаење за жал потраја подолго поради Короната, но гледано ретроспективно не можевме ни да претпоставиме колку забавни работи има да се прават во Словенија.
Документите
По „продавањето“ на идејата за преселба токму во Словенија, започна собирање на документите за преселување. Иако процесот на наоѓање и спогодба за вработување траеше релативно кратко, процесот на добивање работна виза беше исцрпувачки. Првобитно имавме голем проблем во Македонија со прибирање на цела документација. Секоја институција ни ги згрешаваше документите барем по еднаш. Иако до тој момент не бевме свесни, добар дел од издадените документи што веќе ги имавме дома беа на некој начин згрешени. Еве конкретни примери:
Моето факултетско уверение немаше потпис од тогашниот декан, кој во меѓувреме починал. Не ми е јасно како ни врачиле уверенија без потпис и тоа на свечен настан. И како никој не приметил, не бев јас единствен дипломец таа година, како добога ги примиле тие уверенија во заводот за вработување без потпис??? Па мораше повторно да поднесувам барање за издавање на уверение, ама ги фатив на зимски распуст, па референтката била на одмор, па чекав две недели.
Имавме извод од книга на венчани од Битола, но матичните служби во градовите на раѓање не биле службено известени по венчавката, па нашите изводи од матична книга не биле променети дека сме стапиле во брак и со кого. Нови барања повторно, без измената не ни даваа интернационални изводи. И тоа траеше две недели.
Документ за неосудуван се вади исклучиво лично во основниот суд во градот на раѓање, така да мораше да се оди лично во работен ден. За изготвување им требаат два барем дена, пошто "само што излезе колегата што удира печати" . Се разбира по земањето на документите увидовме дека името на таткото на мојата сопруга го напишале нагалено, наместо целото име (така си го знаеле човекот низ град). Се разбира, повторно ново барање, повторно одење до суд и повторно две недели.
Сите документи поврзани со образование мораше да се заверат со апостил, вклучувајќи ги и детските свидителства. И за тоа мора на суд, но не било кој, во судот во кој е регистрирана образовната институција. Не може апостил печат да добиеш за УКИМ во Битола, мора во Скопје. Две недели.
Се разбира сите документи (доколку не сакаш да ги дадеш оргиналите) мора да се направат копии и да се заверат на нотар. При тоа мора да се преведени од судски преведувач на соодветниот јазик. Последново исто така траеше две недели, во Битола во моментот не најдов преведувач за словенечки јазик, морав да ги пратам документите во Скопје.
И преведувачот ги згреши преводите за работниот стаж, два пати. Плус две недели.
За да добиеме нови возачки дозволи, ни беше потребна потврда за полаган возачки испит во Македонија. И повторно, барањето мораше лично, ама никој не знаеше каков документ да ни издадат во МВР. Ама за да ни го издадат мораше да имаме валидни возачки дозволи. Возачката од сопругата беше истечена пред скоро. Мораше прво да ја обновиме, па откако се разбравме што ни треба, ни ги дадоа документите. Веднаш увидовме дека има грешка во бројот на барањето, ама началникот бил излезен на кафе, па референтката отиде низ град да го бара за да го поправат документот. Благодарение на рефенентката го добивме документот за само 3 дена. Заедно со новата возачка, претпоставувате нели, две недели.
Единствени документи без грешка и брз одговор имавме од амбулантата во Битола за потврда за примени вакцини на нашите деца, при што морам да наведам дека имавме пријателка во самата институција. За што сме многу благодарни.
За собирање на сите документи (уште не стапнати во Словенија) ни требаа три месеци да ги комплетираме и многу живци искинати. Најдобрата работа што ја имавме беше список на документи што ни требаат за Словенија. Истиот го добивме од колега што ја поминал истата процедура пред скоро, па можевме да си дозволиме благовремено да ги собереме, во спротивно немаше шанси да се добијат за поскоро.
Следи Поглавје Два...
Comments
Post a Comment