Упатство за емиграција од Македонија во Корона (Втор дел)
Поглавје Два
Планот
Фебруари 2020 година. Сите документи стокмени, за да стигнат побрзо ги испраќам со авионска пошта до фирмата што не вработува, па истите да бидат предадени в општина, што поскоро да добиеме работни визи и да започнеме преселба. Планот е да заврши поголемото дете со тековната учебна година и да заминеме. Помалото во тој момент е сеуште во градинка, фала богу немаме свиделства за неа.
Ни кажаа дека за визите се потребни приближно два месеци за да ги добиеме, па си оставив и малку простор во случај да ми фали некој документ, пошто нели: „две недели“ за било каква исправка или нов документ. Така да очекував до крајот на Мај 2020 да ги имаме сите предиспозиции за старт од Македонија.
Планот беше да се отселиме пополека преку летото, да бидеме порелаксирани, настрана од училишни обврски, децата да се аклиматизираат со новите другари пред зграда, со тоа би се привикнале на новиот менталитет и локални обичаи. Нам возрасните исто ни требаше некое време да го научиме градот за возење, каде има маркети, каде е Decathlon 😉 итн. Според тоа преселбата требаше да се случи во Јуни.
А визи за децата?
Сите ученици во Словенија добиваат дозвола за престој и школување (годишна виза) без разлика од каде доаѓаат. Единствен услов е нивниот родител/старател да има одредена количина на средства по ученик за нормален живот и школски активности/прибор. За тоа се дава само изјава и извод од банкарска сметка. Според тоа од Македонија само требаше да најдеме училиште, да ни дадат потрврда дека децата ќе ја започнат наредната учебна година кај нив и нема никаков проблем.
Така и беше, имајќи доволно време, разгледавме каде ќе ни бидат канцелариите во Марибор, па најдовме училиште во близина. Мислата ни беше: И да не можеме да најдеме стан во близина на училиштето, барем да е во близина на работата, посекако ќе се возиме секој ден до таму, барем така ќе ни биде попатно. Бидејќи бевме странци и сеуште немавме адреса на живеење во Словенија можевме да бираме основно училиште било каде, па дури и во друга општина.
За наша среќа, секретарката од училиштето знаеше доволно добро англиски за да се разбереме и да ни објасни што друго ни е потребно за упис, па релативно брзо ги средивме тие документи и добивме потврди за иден упис.
Големиот отказ
Поради нашите тековни договори за вработување во македонските фирми требаше да дадеме отказ барем 2 месеци пред Јуни. За мене тоа значеше при крајот на Март. Така и направив, заклучно со крајот на Мај јас бев слободен. Сопругата исто така со некоја недела разлика, беше договорена да заврши во тој период. И двајцата дадовме отказ. Чудно чуство имав, како да си ја сечам гранката на која што седев, ама во исто време и дека нема да паднам надолу. И тогаш дојде короната.
Корона застој
За тие што го читаат ова скоро по објавувањето, короната уште не e комплетно завршена, па веројатно и се сеќаваат што се случуваше. Дали требаше така или поинаку... нема да судам. За останатите, да ви ја доловам сликата: Празни улици, полициски час, забрани за возење помеѓу градови, градовите наликуваа како од пост апокалиптичен зомби филм. Но сегментот што нам не засегаше беа затворени врати на сите институции, вклучително и словенската амбасада во Македонија. Е таа ни требаше за да си ги земеме визите. Визите беа скоро готови, поради затварањето на амбасадата, не можевме да дадеме отисоци од прстите па следствено да ни ги врачат визите. За се останато средивме по пошта или email, ама за отисоци мораше лично. Одлуката за затварање на делот за странки во амбасадите на македонско тло била донесена од македонската влада. Кој би помислил, нели?
Времето течеше, месеците си поминуваа, без никаква информација за некаква измена на подобро, ограничувањата само се зголемуваа, целата иднина на семејството ни лебдеше во воздух. Најлошото чуство на исчекување што сум го имал во животот. Ако некого сакате да го мачите психички, чувањето во состајба на бесконечно очекување е совршен избор. И најголемиот товар што го чуствувавме беше поради тоа што ние возрасните стоевме зад одлуката за емиграција. Во мојата глава ми се вртеше мислата дека: И покрај сите планирања, навремени подготовки и најдобри намери, јас го заглавив семејеството “ни ваму - ни таму“.
Дојде септемви, помалото дете требаше да биде прваче, ама каде? Во Македонија или во Словенија? Додуша административно еден краток период беа запишани во две училишта, сепак не знаевме што да правиме. Ги запишавме повторно на училиште во Битола.
Притисоците се чуствуваа од сите страни, новата фирма чекаше на нас, ние чекавме на амбасадата. Стан немавме најдено, секогаш кога ќе се јавев кај луѓето што издаваа, ме прашуваа од кога ни треба станот? А ние не знаевме, не зависеше од нас. Не можевме да се договориме ни за стан. А мораше тоа да се реши навремено.
Во еден момент бевме во период во кој ако заминевме веднаш, ќе ми истечеше регистрацијата за колата веднаш по стигнувањето во Словенија. Не можеш да ја регистрираш колата повеќе од еден месец унапред. Веќе се најавуваа карантини од по две недели насекаде. Вакцини сеуште не постоеја. Испаѓаше да дојдеме во Словенија, да поседам во карантин две недели и веднаш да се вратам назад за да ја обновам регистрацијата. Прашав дали може да направам технички преглед во Словенија и да платам се преку интернет само да ми ја обноват регистрацијата во МК, ми рекоа не може! Не бев изненаден.
Велепослаништво
Во еден момент си реков: А зошто не одиме туристички, па да ги добиеме визите во Словенија. Не може. За првите визи мора да се дадат отисоци во амбасадата на матичната држава. Во нормални услови можевме да дојдеме туристички, да се сместиме, па да се вратиме подоцна само за визите во Македонија. Но погодувате, поради короната туристичко влегување во ЕУ беше забрането, односно беше дозволено само во специјални околности (лекување, војска, дипломатски пасоши и слично) што ние не ги исполнувавме.
Конечно добивме информација дека амбасадата почнува со работа. И по десетина обиди, успеавме да ги добиеме на телефон за да закажеме термин за отисоци. За првпат и големо изненадување наидовме на професионален соговорник од другата страна на телефонот. Ни објаснија како и што треба да однесеме и ни закажаа термин. Ова беше кон крајот Септември 2020.
Дозвола за престој и работа
Работните дозволи конечно ги добивме кон средината на Ноември. Во моментот не знаевме што и како функционира поврзано со визите. Подоцна научивме многу работи, но во короната визите беа единствен билет за влез во Словенија.
Следи Поглавје три...
Comments
Post a Comment