Упатство за бирократските лавиринти во Словенија (Петти дел)

 


Еднаш порано имав потреба да заменам адреса на живеење од Кичево во Битола. Како што е ред отидов да прашам како оди процедурата, но до тој момент веќе имав некое основно знање од правни процедури и здраворазумно размислување па процедурата ми изгледаше како на граница на лудост. Во последната ставка од условите гласеше: 

„За да потрврдиме дека навистина живеете на наведената адреса во формуларот (потпишан лично од мене), ќе испратиме инспектор да провери на врата и да види дека навистина лицето се наоѓа на таа адреса. Ако лицето не е дома во моментот, ќе го праша соседот да потврди дека навистина лицето живее таму„

Ако и соседот случајо не е дома или ме мрази (што е поверојатно), следно ќе појде инспекторот на бајач за истиот да предвиди дали навистина јас би му отворил врата, кога не би бил на работа во моментот! Не можам да објаснам какво разочарување и чуство на гнев имав во моментот додека се расправав со службеникот, се чуствував како во романот Процес од Кафка.

Нејсе, 20 години подоцна доаѓаме во Словенија. Словенија како земја од поранешна Југославија, добар дел од законите и прописите ги дефинирала или ревидирала во тоа време и горе долу останале непроменети до денес, зачудувачки многу од нив се слични, ако не и исти како во Македонија. Во далечната 2004 година Словенија се придружила на ЕУ и требало да ги усогласи регулативите и законите за жителите и уште поважно за туѓинците. Арно ама таквите работи не се правеле ниту се прават од нула, туку се лепеле и додавале еден на друг. И ако нешто имам научено од нашата струка е дека овој начин на работа создава шпагети систем, кој работи само кога сите услови и податоци го следат главниот тек на системот, секој исклучок влегува во гордиев јазол, каде што А зависи од Б, а за да имате Б, ви треба прво А. Во Словенија има доста такви примери:

  1. За да ја регистрираш колата ти треба виза, не можеш да ја регистрираш сопствената кола на период подолг од датумот на важност на визата. Ако визата ти истекува за еден месец, можеш да ја регистрираш колата само еден месец. Безразлика дали имаш поднесено барање за продолжување на визата. Кога ќе ти истече тековната виза, автоматски ти истекува и сообраќајната дозвола. Доколку не ти ја обноват навреме визата, колата можеш да ја користиш како украс, не смееш да ја користиш во сообраќај. Решение: Му ја преведуваш на комшија/вујко/дедо кој има виза или е ЕУ граѓанин и му даваш пари да ти ја регистрира, после си ја возиш без проблем.
  2. По живеење и работење од една година во Словенија (како туѓинец), според законот смееш да отвориш сопствена фирма. И врз основа на самовработување поднесуваш апликација за да добиеш работна виза. Ама не смееш да почнеш да работиш во својата фирма додека не ја добиеш експлицитно таа виза. Смееш да имаш колку сакаш вработени, да исплаќаш плати, да плаќаш данок и се останато, само не смееш да добиваш плата од сопствената фирма ако немаш виза за работење во својата фирма. Со други зборови, можеш да бидеш газда, ама не и вработен.  Изработката на визата моментално трае околу една година од денот на аплицирање. Во тој период експлицитно се бара од влагателот секој месец да испраќа во општината доказ дека добива плата од фирма во која тековно работи. Ама не од својата фирма за која што бараме виза, од претходната! А за да аплицираш за виза на основа на своја фирма, мораш прво да отвориш фирма, и така во круг. Решение: Нема практично решение, мора да се остане вработен во тековната фирма додека не добиеш виза за самовработување
  3. За да добиете школска виза треба потврда дека сте запишани во образовна институција, ама за да се запишете во школо/факултет треба да имате школска виза! Кокошката и јајцето... Немам зборови, решението што ни го предложија: Од образовната институција каде што планирате да учите да ви даваат неофицијален документ во облик: Лицето има ниет да студира кај нас, дајте му виза. И врз основа на тоа и еден тон други документи добиваш виза за студирање. Само ниет да има човек. Наравоучение: Земи ниетче од школото/факултетот со време
  4. Потврди за неосудуван и неказнуван од Македонија. Во Словенија тие два документи се алфа и омега. Не верувам дека во некоја друга земја толку често ги бараат тие документи како тука. Нема процедура за која не ги бараат. И не смее да се постари од 3 месеци. Малку превувеличувам ама останува уште да ни ги бараат и за јогурт пазарење во маркет... Не разбирам зошто се толку опседнати со тие два документи, земајќи во обзир што ние 99% од времето сме лоцирани во Словенија, веројатноста е многу поголема да се случи нешто тука отколку во Македонија. Првиот пат кога доаѓавме тука беше во ред, разбирам, не сакаат да даваат визи на криминалци ама за секоја ситница поврзана со администрацијата да го бараат тој документ, постојано, тоа не можам да го разберам, ваљда е некоја закрпа во системот. Решение: Давање полномошно на некој близок во Македонија да ти вади потрврди од судот и наоѓање на добар судски преведувач за документите

 Следно: Образование

Comments

Popular posts from this blog

Упатство за преселување во Словенија (Четврт дел)

Образовниот систем во Словенија (Шести дел)