Недвижности и градење куќа во Словенија (Седми дел)
Градењето на куќа во Словенија генерално не е ништо поразлично од градење куќа било каде. Сите стереотипи што ги знаеме за мајсторите важат и тука, пошто тоа се истите мајстори од Македонија, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија коишто дошле во Словенија и останале да работат како мајстори. Со нив дошол и балканскиот менталитет и мајсторски фори.
Подготовка
Од потребните документи при купување на куќа, за нас Македонците, дополнително од државјаните на Словенија, потребно е да се добие согласност од словенечкото Министерство за правда. Не е комплицирано, само се поднесува апликација во која што се наведуваат купувачот и парцелата што сака да ја купи. За среќа, Македонија и Словенија имаат потпишано меморандум за заемност, што значи Словенците можат да купуваат недвижнини во Македонија и обратно, со согласност од министерството. Постапката трае 1 месец вкупно. Со согласноста и останатите стандардни документи се оди на нотар и се потпишува стандардна купопродажба.
Кредит и банки
Иако на почетокот ни беше кажано дека нема да има проблем за подигнување на хипотекарен кредит од нашата матична банка, по наоѓањето на потенцијалниот имот, во нашата банка ни беше кажано дека најважниот услов за добивање кредит е поседување трајна виза. Во моментот ни фалеа уште 4 години до трајна виза. Ги контактиравме сите словенечки банки, во сите ни беше тресната вратата в нос со истиот изговор: „Ако немате стално живеалиште во Словенија (aka трајна виза), не можеме ниту да го разгледаме вашето барање за кредит.“ За наша среќа, сосед од Србија ни кажа дека само една странска банка има линија на кредити за туѓинци, со нешто повисока каматна стапка, но тие беа единствените што ни понудија life line.
Куќа од нула
Градење куќа од нула во Словенија е рамно на самоубиство ако си ограничен со време. Времето на чекање за секоја постапка е големо и мораш да имаш адвокат да ти ги турка документите низ институциите, инаку бирократијата ќе те изеде жив. Најпроблематичната дозвола за добивање е од Министерството за околина и простор, односно елаборат за подземни води. Се чека со години, а тој елаборат е еден од неопходните за дозвола за градба. Од претходни искуства, ми кажаа соседите дека во просек ти се потребни 3–4 години да ги добиеш сите документи за почеток на градба. Дополнително на тоа, законите се менуваат често, така што може да се случи да ја имаш почнато постапката по едни услови, во текот на постапката да се смени законот и да ти бидат потребни комплетно нов сет документи и исполнети услови.
Трета градбена фаза
За среќа, ние почнавме од пола нагоре. Најбитниот дел од градбата беше завршен, имотно-правните односи беа решени и, иако поделена на три парцели, сè беше чисто пред законот. При изборот на куќата се консултирав со мој школски другар архитект, кој потврди дека според архитектонскиот нацрт, куќата е навистина најдобар избор за тие пари. Куќата ја добивме изградена, фасадирана и покриена. Во внатрешноста немаше преградни ѕидови, само носечките ѕидови беа изградени од блокови, две бетонски плочи и скали помеѓу нив.
Мајсторите
Повторно, за среќа, имавме сосед, кој што по некоја случајност беше електричар, а неговиот брат водоводџија. Jackpot! Тој ни помогна многу да најдеме стручни мајстори и начелно добри луѓе за соработка. Со нив немавме никакви проблеми, со останатите мајстори секако налетавме на следниве фори:
„Јас 20 години работам вака и функционира, тоа што го бараш ти е нешто ново и ќе кошта дупло да се направи.“ – Се разбира дека не е ништо ново, само тој нема таква машина.
Прашан зошто е сметката повисока од профактурата: „Повисока е бидејќи ѕидот беше крив, мораше два пати да го малтерисуваме.“ Ѕидот не беше крив бидејќи е носечки ѕид и стои точно под носачот. Носачот е прав.
„Јави ми се во петок да ти кажам кога сум слободен.“ – Му се јавуваш и не крева.
„Се разболев од Корона, ќе продолжам за две недели.“ – Му се јавуваш за две недели и, се разбира, не крева.
„Измерив јас, не е сув бетонот за да се нареди винил.“ – Бетонот беше поставен пред 3 месеци.
„Не се рамни скалите.“ – Добро, јас ќе ги израмнам, ти само дојди. Доаѓа по две недели и вели: „Па не си морал да ги рамниш до милиметарот.“
Плочкарите
Плочкарите во Словенија се смеат себеси за уметници, наплаќаат најскапо од сите други мајстори гледано на метар квадратен. Не можеш да ги добиеш ниту на телефон, а и кога ќе ги добиеш, прво што те прашуваат е што конкретно ти треба. На пример, ако имаш мало купатило со малку квадрати, истовремено со многу санитарија и цевки, good luck!
За среќа, имав искуство со полагање плочки и со голема помош од семејството успешно наредивме над 70 метри квадратни плочки. Исто беше и со паркетот, внатрешните врати, осветлувањето, фината санитарија и фината обработка на ѕидовите, како и белењето. И тука се подразбира склопување и монтажа на мебел. Воедно се научивме и бекатон да полагаме, не е комплицирано, само треба да се следи процесот... И гумен чекан ти треба.
The devil is in the details
Иако најгабаритниот дел од куќата беше готов, внатрешното комплетирање ни одзеде уште цела една година. Навистина има многу ситници за една куќа да функционира непречено и мазно. Со докомплетирањето на куќата следеше и изработка на дополнителна проектна документација и уште бирократија. Тоа траеше уште 5 месеци додека стигнавме до моментот да добиеме дозвола за употреба.

Comments
Post a Comment