Упатсво за преселување од Македонија (Трет дел)

 

Ги добивме визите, а кај ќе живееме?

Стан под наем во Марибор

Наоѓање на соодветен стан под наем е тешка и макотрпна работа во нормални услови и со физичко присуство, со ограничувањата за пандемијата, беше десет пати потешко. Не можевме да дојдеме во Словенија и лично погледнеме што се нуди, па моравме да се ослониме на проценката на наши пријатели да ги разгледаат становите што ги ставивме во потесен избор. Засекогаш ќе им бидеме благодарни за помошта. И покрај тоа, моравме да ги договараме огледите преку телефон од Македонија, што беше многу тешко не знаејќи словенечки јазик. И во моменти кога ќе успеевме да се разбереме, многу често добивавме одговор: Не го издаваме станот на странци. Гледано ретроспективно, сега разбирам и зошто, ама тоа е тема за нареден блог пост.

Бевме притиснати од повеќе страни, од една страна по правила на визата, моравме најдоцна до 8 дена од добивањето на визата да влеземе во Словенија, од друга страна фирмата што не вработуваше, веќе не чекаше седум месеци поради затварањето на границите, од трета страна немавме најдено стан, а хотелите не работеа поради корона рестрикциите. Поголемиот дел од становите што се изнајмуваа беа лоцирани во центарот на Марибор, и немаа паркинг, а нас ни требаше паркинг. Поради специфичниот период од годината (октомври), поголемиот дел од становите веќе беа издадени на студенти за тековната учебна година, останатите беа или премали или преголеми и неодржливо скапи. 

И тогаш, се случи чудо, еден од газдите на станови што се издаваа, кој претходно го контактирав на FB и ме ghost-на, случајно се погоди да работел во минатото во фирмата каде што ние требаше да почнеме со работа. Една од колешките таму (Св. Данијела), го контактира и гарантираше за нас и нашата приказна помина, човекот ми пиша и се договоривме да го земеме станот. Наравоучение: Инвестирај во врски и познанства, наместо во карбонски делови за точак. 

Кола со ограничен волумен  

Многу си ја сакавме нашата Зафирка, имаше силен мотор, здрава каросерија, ја користевме како магаре, ја одржувавме редовно, и ја третиравме како член на семејството. Ама имаше една маана: Немаше бесконечен багажник. Колку и да се трудев да си играм тетрис со багажот, сепак беше ограничен простор, моравме да направиме приоритетна листа, а ствари многу се насобрале низ годините. Што од потреба, што од сентимент, имавме многу предмети за пренесување. Цело време ме гризеше истата мисла: Ако не го земам ова парче сега, кога ќе можам да се вратам по него, и дали ќе ми затреба во меѓувреме. Скоро сите проценки што ги направив беа добри со една голема грешка, требаше повеќе чорапи и долна облека да понесеме. 

Да објаснам: Денот кога пристигнавме во Словенија (на наше незнаење) поради короната, владата ги затвори сите продавници и трговски центри на неодреден период. Освен оние за прехранбени производи, па дури и тие (како Лидл) што имаа облека, не смееја да ја продаваат. Така да бевме останати четири месеци со облеката што ја понесовме, лошо, многу лошо. Среќа што понесовме сет за крпење.

Зафирка собра тоа што собра првиот пат, останатото го довлечкавме во наредните четири патувања, од кои последното со приколка, и можам да кажам дека конечно се преселивме физички. Зошто не донесов се наеднаш со карго превоз? Бидејќи немав каде да го складирам тука, плус фактот што требаше да ангажирам шпедиција за сите бирократии попатно, прашав, комплицирано е.

Дали Зафирка беше пресудна за преселбата? Апсолутно! Дали можеше поинаку? Се разбира, доколку имавме неограничен буџет и врски на соодветни места (што најчесто одат заедно). Дали би постапил исто доколку треба пак да се селам на долга дестинација? Да, само би си купил приколка уште на почеток, иако кровниот куфер исто ни помогна многу.

Во кратки црти, што научивме:
  • Апсолуно нема никаква потреба да се преселува се наеднаш, но организирање на пакетите по приоритет и сезонска употреба е неопходно
  • Иако не сакав да признаам, во нашиот случај се покажа облеката како многу важна
  • Требаше да понесам повеќе алати за општа намена уште првиот пат
  • Поради карантините, изборот да земеме дел од нашите друштвени игри беше полн погодок
  • Најважната работа кога се доселуваш во ново место е што поскоро да најдеш: Матичен лекар, матичен механичар и матичен фризер, се останато е потоа полесно
  • Имањето разбирање во рамките на семејството е најважното нешто за успешна преселба
  • Преселувањето е проект, како и секој друг, разликата е тоа што возрасните се и менаџери и работници, децата се само тестери, ама само заедно сме тим

Следува четврти дел

Comments

Popular posts from this blog

Its not a bug, its a feature

The Ship of Theseus

In nomine patris et matris et sancte vehiculum