Упатство за преселување во Словенија (Четврт дел)

 


Јазикот

За словенцките работи



Не сум лингвист, ниту експерт за словенечки јазик, немам намера да деградирам или омаловажувам одреден јазик или луѓе што го користат истиот. Немам никави претензии ниту предрасуди за тоа кој или како стигнал до тоа што денес се користи за комуникација. Сметам дека јазикот е алатка која се развива за потребите на корисниците и е жива материја која еволуира заедно со времето, новините во општеството, како и географските и политичките околности на населението. 
Единствената цел ми е да документирам како јас/ние го доживуваме учењето и секојдневната употреба на словенечкиот јазик, споредено со нашиот македонски јазик и споредено со останатите јазици што веќе ги познававме до одредена мера како англиски, шпански, српски итн. 

Добро, штом го расчистивме тоа, сега да си кажам што ми лежи на срце. Словенечкиот јазик, иако навидум релативно лесен, најмногу поради заедничките зборови што ги има со македонскиот јазик, во стварност семантиката на говорењето го прави многу тежок за употребување во неговата литературна форма. Мапата погоре е всушност распределба на дијалекти низ земјата. И покрај тоа што е нормална работа во рамките на едно говорно подрачје да има разноликост на акценти и диајалекти, тука има огромна разлика меѓу говорот низ областите. Впрочем, самите словенци тврдат дека луѓето од две соседни села не можат да се разберат, ако не се потрудат да ги надминат разликите. И претпоставувам како и секој друг јазик кога се официјализирал и формулирал биле земени повеќето диајалекти и бил направен пресек и унија и така некако дотеран, но според кажувањата на луѓето, Иван Цанкар имал многу тешка работа да ги усогласи сите во еден. Од наша гледна страна, ние се учиме од тоа што слушаме локално, па ко ќе отидеме на другата страна на земјата, малку чудно не гледаат, ама ваљда е тоа нормално. 

Двоина

Кога учев во средно школо, имав професор по македноски јазик, секогаш кога предаваше и кажуваше за еднина и множина, не забораваше да ја спомне: „и двоина во словенечки„ Да знаев тогаш колку е таа двоината комплицирана и не-интуитивна, ќе го гњавев да ми објасни зошто толку ја воспева. Нејсе, што е двоина? Двоина е говорна форма која се употребува кога во реченицата имаме двајца вршители на дејството. На пример: “Јас и ќерка ми играме хокеј„ Ова звучи сосем нормално вo повеќето јазици во множина, пошто разликуваме еднина и множина, во словенечки ако се работи за двајца глаголот зазема двоинска форма, односно 1 > играм / 2 > играва / 3 > играмо. Па погорната реченица би звучела: “Јас и ќерка ми играва хокеј„ (ова е технички неточно, но на македонски преведено би било отприкика така). Во македонски имаме нешто слично во битолскиот диалект кога ќе речат: “Речи му на двата„ Се разбира не е официјализирано во литературниот јазик, веројатно бидејќи се користи премалку или во ретки случаи, повеќе е исклучок отколку правило. 

Па што е проблемот со двоината? Не е нешто комлицирано!

Точно, ама во текот на говорењето нашиот мозок е научен дека двајца/две се множина и треба многу време да се исклучи таа асоцијација, посебно кај нас постарите. Ко ќе пишуваме пораки или текст имаме време да погледнеме па да поправиме, ама во говорење едноставно не ти доаѓа да го кажеш така, не ти текнува навреме да го смениш глаголот. Дополнително се комплицираат работите со минато, сегашно и идно време, и секако со “фамозните“ падежи.

Деклинации или падежи (Склони на словенечки)

Како дел од генерацијата што не учеше српски јазик на училиште, падежите отсекогаш ми беа страна материја. Во англиски не постојат, германски не сум учел, албански пропуштив да научам навреме, така да тој концепт на говорење ми остана непроучен, се додека не дојдовме тука. Во словенското школство, материјалот по словенечки јазик има посветено целa една година (6-то одделение) само за учење на падежите. Зошто се комплицирани? Не се некоја новост, многу јазици имаат падежи. Да, но немаат двоина! Двоината си има свои форми во секој падеж, за машки, женски и среден род. Така да табелата што другите јазици ја имаат за падежи, во словенечки е 4 димензионална матрица што многу тешко се учи. И сето тоа е потребно да се знае додека во исто време говориш со цел да пренесеш порака. Нормално локалците сето тоа го знаат на памет и не размислуваат во кој падеж е именката или придавката, ниту па знаат на памет зошто, едноставно така се вели. Ама ние дојденците си играме: погоди го падежот.

Исклучоци (Изјеми на словенечки)  

И ајде ќе си речеш, ќе ги научам падежите, со двоина, со се, не е проблем. Е арно ама доаѓаат исклучоците. Претпоставувам дека поради големиот број дијалекти, кога се официјализирал јазикот сакале да им удоволат на сите, па воведувале едно правило, сто исклучоци. Имаме и во македонскиот јазик исклучоци, ама кога учиш нов јазик е тешко да ги научиш сите. Постојат книги со правила, ама нема книга со сите исклучоци, затоа се викаат исклучоци. Е, овде ги има многу, од основни глаголи како “оди„ па се до ретко употребувани зборови. 

Акцентирање

Нема правило, секој збор се акцентира по слух, така да само Добарден да им речеме во продавница, веднаш знаат дека не сме словенци. Добрата работа, е дека ги сакаат македонците како народ, и за Македонија зборуваат со романтизам, и сакаат да ја посетат некогаш. Во поглед на јазикот се чуствуваме пријатно, немаат предрасуди кон нас, дури и наидуваме на огромно разбирање што не ни оди брзо учењето словенечки, бидејќи и самите се свесни дека јазикот им е релативно тежок за учење. Но ценат и почитуваат тоа што се трудиме да го научиме, и тоа отворено ни го кажуваат.

Сумарно

Словенечкиот јазик ни е нам близок, и со заеднички зборови, и со реченична структура, се разбира има своја уникатна семантика, но тоа се учи. Уште од прв ден кога дојдовме тука можевме да се разбереме со луѓето, на почеток ние ги разбиравме делумно, и тие не разбираа во добар дел. Се снаоѓавме со по некој англиски збор, интернационализам или покажување на урнек од нешто што ни треба во специјализирана продавница. Секогаш пораката беше пренесувана, ретко кога после 2-3 обиди, ама се разбиравме. Секако, сеуште не зборуваме совршено, но за среќа нашите деца зборуваат така добро, да не можат да ги приметат дека не се локалци. 

Анегдота 

Во најголемиот дел од размислувањето додека говориме, низ главата ни се вртат три прашања:

Дали го користат истиот збор како и ние? Пример: Мотика
Ако му ја барам мотиката на комшијата, во кој падеж треба биде? Пример: Дај ми Мотико
Да не ми затребаат уште, па да се враќам пак по две Мотики, три Мотике, или повеќе Мотик

За повеќе рецепти Like and hit that Subscribe button

Следува петти дел

Comments

Popular posts from this blog

Упатство за бирократските лавиринти во Словенија (Петти дел)

Образовниот систем во Словенија (Шести дел)