Образовниот систем во Словенија (Шести дел)

 


Во моето пошироко семејство имаме повеќе просветни работници, дури и јас за еден краток период работев во образование, па со тоа веќе знаев што се случува и како отприлика работи ситемот во Македонија. Иако поголемиот дел од моето образование го поминав во пост југословенска Македонија, можев некако да си направам паралела како беше и како е сега. 

Меѓутоа додека не почнаа моите деца да одат на училиште ме немаше удрено реалноста в глава за да сфатам до каде стигнале работите. На последниот родителски состанок, покрај вообичаените проблеми со незауздани насилни соученици и немање основни услови за настава како креди, печатач, тоалетна хартија и сапун (пред короната, подоцна им даде министрството малку сапун, мораа) училиштето побара од нас родителите да собереме пари за да купиме ролетни за училницата. Ова е факт, како јас го перцепирав барањето е мое лично гледиште, како им ја продадоа идејата на останатите родители е приказна за другпат, можеби јас грешам... ролетните се намонтираа. 

Паралела

На првиот родителски состанок во Словенија една од точките беше и одењето на ексурзии. Поради короната сите ексурзии од претходната година беа одложени и сите ученици со нетрпение ги очекуваа во следната школска година. Меѓутоа наставниците и директорот беа загрижени дека пропуштените од претходната и планираните во следната година ќе доведат до големи трошоци за родителите. Истовремено побараа согласност од сите родители да одлучат, дали да се намали бројот, или училиштето да плати за учениците од семејствата што не можат сами да ги покријат трошоците. Ни рекоа: „Важно ни е да не се делат децата, да бидат сите заедно и да бидат сите среќни„ И таа мантра преовладува во текот на цело досегашно наше искуство со училиштето. 

Се разбира и словенските школи имаат проблеми, на пример: на школскиот рок бенд им било малку тесно во просторијата кај што вежбале. Директорот ни се пожали дека имал мака со општината, многу му биле бавни за одобрението за градба, да го прошири училиштето, пари имале, дозволата се чека. Мене ми се пожали од бирократијата... свашта. 

Но проблемите се решаваат тековно, и истите се решаваат со цел подобрување на квалитетот на образованите што го добиваат учениците. Словенците ги задржале сите корисни работи од социјализмот, во исто време прифаќајќи ги принципите на капитализмот, на пример дека учениците се во исто време и клиенти и производ во моделот на училиштето.

И покрај тоа што нашето досегашно искуство е малку ограничено на едно училиште и муабети за тоа како е во другите, сепак си велам дека можам да издвојам неколку точки што нé воодушевија.

  • Нагледните средства со кои располага училиштето се подобри од повеќето професионални клубови и фирми, од 3Д принтери преку спортски реквизити до лабораториски материјали
  • Училиштето е одговороно за се што се случува во неговите рамки, децата се безбедни по секоја основа. Децата се згрижени 8 часа на ден со 4 оброци, учење и забава.
  • Пристап до директорот има секој ученик во текот на работното време
  • Директорот и детскиот хорот заедно настапуваат на секој патронат
  • Учениците го сакаат својот директор и го гледаат како татко/мајка, а не како политички менаџер во една канцеларија на горниот спрат
  • Персоналот (покрај директниот наставник/ци) се трудат да ги запознаат сите деца поединечно и да ги согледаат сите таленти и можности за подобрување
  • Секое време е добро време, само треба соодветна облека, наесен се собираат костени, во зима се лизгаат и санкаат во дворот, во лето се спортува во рамките на дневниот престој
  • Целта на изборните предмети е ученикот да согледа алтернативни можности за професионално остварување, и можеби да ги пронајде своите идни интереси
  • Спорт и учење одат едно до друго, покрај редовните предмети, сите деца до 13 години мора да се научат да пливаат, скијаат, лизгаат на мраз, ролаат и да возат велосипед во сообраќај
  • Не се добива пехар за 9-то место
  • Четворка е многу добра оцена (додуша така и се вика, ама ете, тоа го сфативме тука)
  • Ако ученикот побара дополнително менторство за некој предмет, ќе добие бесплатно во училиштето. Ако му треба и музички инструмент, велосипед, скии, се има школото. 
  • Сите ученици и студенти имаат попусти и бенефиции во рамките на целото општество, од субвенционирана храна (не во менза со лебарки) до намалени цени на билети и членарини
Продолжува...

Comments

Popular posts from this blog

Упатство за преселување во Словенија (Четврт дел)

Упатство за бирократските лавиринти во Словенија (Петти дел)